Четири месеци откако турскиот бизнисмен со криптовалути Фарук Фатих Озер се засолни во Албанија, албанската полиција го приведе Едевалдо Хаџиу, кому му е одреден и притвор на барање на обвинителството во Тирана.

-Триесет и шестгодишниот, Хаџиу, кој е сопственик на агенција за обезбедување во Драч, според турските медиуми, на аеродром во Тирана го чекал толку бараниот Турчин и го засолнил, спасувајќи го од апсење од полицијата. Озер ја напуштил Турција на 20 април зедно со сервер кој содржел 108 милиони долари во криптовалута и прстигнал во Тирана, каде се криел повеќе денови, менувајќи ги хотелите каде престојувал. За овој случај во Турција се уапсени 81 лице, меѓу нив и двајцата браќа на Озер, кој по повеќедневен престој во Албанија, основано се сомнева дека со моторен чамец пребегал во Италија, пренесува Ора њуз.

Според истиот извор, Хаџиу е приведен од албанската полиција по истрагата која покажала дека тој му помогнал и го скрил турскиот државјанин Озер, кој се смета за шеф на криптовалути.

Турскиот весник „Сабах”, пак, објави дека ова е важен развој во врска со истрагата со досието со кодно име „Тодекс”, започната од турските власти за шефот на криптовалутите, Фарук Фатих Озер.

-Турските власти го истакнуваат фактот дека албанската полиција го пронашла шефот на криптовалутите и отишла да го уапси во хотелот каде што престојувал, но Хаџиу пристигнал таму порано, засолнувајќи го на друго место, со што го избегнал апсењето, додава весникот.

Озер е осомничен дека присвоил околу две милијарди долари од над 390.000 кленти во турската криптовалута „Тодекс”. Според Топ чанел Хаџиу е внук на Арманд Дука, претседател на албанската фудбалска федерација.