Вредноста на извозот на 15-те најголеми извозници во Србија за осум месеци годинава изнесуваше 3,4 милијарди евра, а најголеми извозници се кинеските компании Зиџин Бор купер и ХБИС групацијата во Смедерево, јави дописникот на МИА од Белград.

Извозот на кинескиот Зиџин Бор купер беше 556,1 милиони евра, додека сопственикот на смедеревската железарница ХБИС групацијата имаше извоз од 409,4 милиони евра, соопшти Министерството за финансии.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) со извоз од 285,1 милиони евра е на третото место, а потоа следи „Тигар гуми“ од Пирот со извоз од 271,9 милиони евра.

На листата се и Хенкел Србија со извоз од 234,2 милиони евра, Леони од Прокупље со 220,2 милиони евра, Јура корпорацијата од Рача со 209,4 милиони евра, Фиат Крајслер автомобили (ФЦА) Србија со 189,3 милиони евра, Грундфос од Инџија со 162,6 милиони евра, ХИП Петрохемија од Панчево со 155 милиони евра.

Меѓу најголемите извозници се и Бош Белград со 151,7 милиони евра извоз, Филип Морис од Ниш со 139 милиони евра, Хемофарм од Вршац со 137,3 милиони евра, Тетра пак од Белград со 130,1 милиони евра и ЗФ Панчево со 129,7 милиони.