Општина Карпош е рангирана на прво место на национално ниво по финансиска транспарентност на локалните самоуправи. Ова го потврдува Извештајот – Проценка на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа во Република Македонија преку индексот на отвореност, подготвен од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, а во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Финансиската транспарентност претставува пристап и видливост на сите финансиски информации: буџети, завршни сметки, финансиски извештаи и јавни набавки. Исто така, значајни сегменти се партиципативното буџетирање и подготовката на граѓански буџети.

Карпош е меѓу единствените локални самоуправа со јавно објавен Граѓански буџет. Имено, општината прв пат креираше Граѓански буџет за 2020 година, а успешната пракса ја повтори и во 2021 година. Истиот овозможува полесна видливост на граѓаните за начинот на кој се трошат буџетските средства, проектите кои се предвидени да се реализираат, приходите и расходите. Општината во изминативе четири години го зголеми и граѓанското учество при креирање на Буџетот. Редовно се спроведуваат теренски анкети за мапирање на потребите на луѓето, се креира онлајн анкетен прашалник, а карпошани даваат предлози и преку мобилната апликација „мЗаедница“.

Инаку, во однос на мерењето на Индексот на отвореност за 2021 година, во сите области (донесување на одлуки, финансиска транспарентност, заложба за транспарентност и отчетност, организациски информации) Карпош е рангирана на прво место во споредба со другите скопски општини, а на петто место на национално ниво.

Иако општина Карпош е меѓу најзадолжените локални самоуправи, со овој Извештај потврдена е намерата од пред 4 години за радикални промени, за одговорно и транспарентно управување со буџетските средства.

Во оваа 2021 година, општина Карпош беше прогласена и за најтранспарентна државна институција, заедно со Министерството за одбрана по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации (кој се подготви со поддршка на УСАИД). Исто така, Државниот завод за ревизија констатираше дека Карпош испорачува и најквалитетни услуги за граѓаните преку својата веб страна ( www.karpos.gov.mk ).

Овие извештаи дополнително го мотивираат општинското раководство и општинските служби да продолжат со проактивниот пристап. Од неодамна, дел и од буџетските документи се објавуваат во отворен формат, со цел поголема прегледност на податоците и нивна обработливост. Единствената цел е граѓаните на полесен начин да ги реализираат своите права и да добиваат квалитетни услуги.

Линк до целиот Извештај: https://bit.ly/3lR8QAd


Администратор
25/09/2021 12:02