Во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечер ќe биде прикажан играниот филм „Моето езеро“ во режија на Ѓерѓи Џувани.
Во филмот игра стружанецот Аритон Положани, а дел од актерската екипа се Тристан Халилај и Ведран Живолиќ. Влезот е 100 денари, а посетителите треба да ги почитуваат протоколите за заштита од Ковид – 19.
Филмот ја раскажува приказната за бистриот и интелигентен тинејџер Кристо, кој како ученик размислува за темата на есејот зададена од наставничката „Моето езеро“. Кристо размислува за значењето на овие зборови додека пишува: „Езерото може да ви даде се`, само треба да знаете како да побарате.” Во филмот е обработена приказна за шверц на дрога од албанска кон македонска страна и пресвртот во животот на Кристо, момче, што живее во албанско погранично село на работ на Преспанското Езеро.
– Кристо е горд сопственик на чамец и целосно ја користи оваа поволна географска положба. За да го издржува своето семејство, станува ситен шверцер на марихуана, го користи својот чамец и познавањето на езерото за да шверцува пакети од албанска на македонска страна. Со текот на времето, Кристо почнува да им се восхитува на двајцата дилери на дрога за кои работи – подмолниот, агресивен Исмаил и Паско, баран криминалец, стои во синопсисот за филмот.
Според сценариото, Кристо решава да направи промени и да стави крај на нелегалното пренесување на марихуана кога се заљубува во неговата наставничка Миранда. Приказната ја доживува кулминацијата со борбата за превласт и одмазда меѓу дилерите испреплетена со преиспитувањата од Кристо за неговите животни одлуки. Приказната завршува како што започнува, Кристо го завршува својот училиштен есеј на тема „Што може езерото да им даде на оние што знаат како да побараат“.