Жителите од општините Битола, Новаци и Могила од денес може да се попишуваат во седиштето на пописниот реон 20 кој се наоѓа во дворот на административната зграда на Општина Битола.
Од секторот за односи со јавност посочуваат дека во пелагониските општини Битола, Новаци и Могила, се во тек завршните активности и попишувања на граѓаните кои се жители на овие општини.
– Од денес, од 8 до 20 часот, граѓаните кои не го оствариле своето законско право, поради тоа што не биле во своите домови при посетата од попишувачите, тоа ќе можат да го направат во канцеларијата на пописниот реон 20 во новата сала на Советот на Општина Битола на ул.Булевар 1-ви Мај бр.61. Целта на ваквата можност е никој да не биде пропуштен во пописот, посочуваат од секторот за односи со јавност.
Пописот завршува на 30 септември, а добиените податоци, во иднина ќе помогнат за долгорочно планирање на политиките и проектите од интерес на државата и граѓаните, се нагласува во соопштение до јавноста.