Комората на органски производители и здружението „Живот“ Куманово, денеска по четврти пат го организираа меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово.
На саемот има 134 излагачи од државата, Србија, Бугарија, Црна Гора, Косово, БиХ, Унгарија, Албанија и други држави ги изложија производите на отворено пред комплексот базени Куманово.
Пипер, домати, бадеми, слатка, зимница, вина, сокови, млечни и месни продукти, мед, органска козметика, семиња, презентираа индивидуалните производители, но и фирми, задруги, сојузи.
Бројот на излагачи, производители и компании кои се презентираат на саемот, велат организаторите континуирано расте, што говори за сè поголемиот број на производители, но и консументи на органски здрави продукти.
-Саемот има за цел да им помогне на производителите да ги презентираат производите, да ги прошират контактите во регионот и да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат и да почнат да се вмрежуваат. Размената на искуства е клучно за овој саем, важно е да се вмрежат производителите, да најдат контакти, да се консултираат со институциите, да настапат заеднички на пазарот, изјави претседателот на комората, Драган Цветковиќ.
Покрај операторите со храна, на саемот учествуваа и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство и механизација.
Претседателката на здружението „Живот“, Благица Гавриловска Цветковиќ рече дека последниве години индивидуалните земјоделци почнуваат да се вмрежуваат и постигнуваат поголеми успеси. На годинешниов саем учествуваа и земјоделски задруги, стручни училишта, комори од земјава и од соседните држави.
-Производството на органската храна е еден од стратешките интереси на двете држави, бидејќи и двете земји имаат добри услови за производство. Веќе подолго време работиме да изградиме систем на соработка, тоа беше и посебна тема на мешовитиот меѓудржавен совет. Многу ни е драго што трета година по ред присуствува здружението на Унгарци и ги презентираме унгарските специјалитети, рече амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс.
На саемот се презентираа агенции, асоцијации, федерации, здруженија, владини и невладини организации, стопански комори, издавачки куќи, портали, нутриционисти и дипломатски претставништва и амбасади.
Експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, ја презентира моменталната состојба на теренот, иницираат дискусија. Претставници од средни земјоделски училишта и факултети, институти се фокусираа на образованието и ширењето на знаењето поврзано со успешниот агробизнис.