По повод актуелната ситуација на Косово, претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, оцени дека се работи за „војна на нерви“ и дека ќе победи оној што ќе задржи ладна глава, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека таму се води голема дипломатска битка, дали ќе се продолжи со еднострани дејствија или нема да се дозволат, а она што е потпишано претходно ќе се почитува, додавајќи дека Србија ја очекува интензивен период.

– Западот би сакал да најде решение за проблемот на Косово, но тоа веќе го има осмислено, а тоа е признавање независност на лажна држава. Тие би сакале мирно или со сила да се реши на тоа, изјави Дачиќ.

Тој додаде дека „многумина палат фитил на Косово, бидејќи ако ситуацијата е мирна, се губи значењето на нивната улога кога станува збор за меѓународните претставници“.

– Тие се тука на Косово со години, дури и во БиХ, со мотивација да придонесат за регионалниот мир и стабилност. Што би правеле доколку навистина постоеше регионална стабилност, ако немаше инциденти и сите проблеми беа решени, порача Дачиќ.

Според него, другата страна на мотивацијата за предизвикување на инцидентот е агресивноста на премиерот на Косово, Албин Курти, кој се обидува да претстави дека неговата влада е првата која има легитимитет, и дека претходните биле неважечки.

– Мислевме дека (Хашим) Тачи е лош и дека нема полош, па тогаш се појави (Рамуш) Харадинај и сега Курти, нагласи Дачиќ.


Администратор
25/09/2021 17:10