Планинско Спортскиот Клуб Малешевска Корија, Берово традиционално по 6-ти пат го организира настанот „Малешевска корија-Спорт авантура 2021".

Оваа година, како и лани, поради неговите препознатливи вредности во насока на здрави животни навики, беше дел од серијалот настани на Европската недела на спортот – “#BeActive”- координирани од националната Агенција за млади и спорт, а партнери подржувачи беа Хотел Манастир – Берово и локалната самоуправа на Општина Берово.

– Спортот и физичката активност придонесуваат за нашата физичка и ментална благосостојба. Недостатокот на физичка активност не само што има негативно влијание врз здравјето на луѓето и општеството, туку и резултира со економски трошоци. Покрај тоа, спортот има потенцијал да ги зајакне пораките за толеранција и да го зајакне граѓанството низ целиот свет. Промовирањето на улогата на спортот како средство за социјална вклученост помага и во решавањето на тековните предизвици во нашето општество. Но и покрај зголемениот број истражувања што ја истакнуваат важноста на спортот, нивото на физичка активност во светски рамки во моментов стагнира, па дури и опаѓа. Со овој настан имавме за цел да одговориме точно на овој предизвик, стои во соопштението од Дина Дафинка Муцунска, претседател на ПСК Малешевска Корија.

Таа потенцира дека нивните приоритети вклучуваат: поттикнување на физичка и ментална кондиција и борба против дебелината преку учество во редовна физичка активност, поттикнување на социјална вклученост и интеграција преку спортот, особено за маргинализираните групи, елиминирање на разликите по национални и верски прашања и создавање на родова еднаквост, се со помош промовирање и се поголемо практикување на спортот.

Организираните активности на овој настан беа лесна планинско-велосипедска тура, кајак на езерото, за кое беа на располагање 10 двојни кајаци и 4 СУП даски, кошарка, одбојка, тенис, скокање јаже, пинг -понг и заеднички ручек и вечерна забава со музички бенд и скара, на отворено покрај река.

– ПСК Малешевска Корија располага со 25 планински велосипеди за изнајмување и во оваа прилика ги ставивме сите на располагање на учесниците на настанот, за и оние кои немаат сопствени велосипеди, да можат да ја искусат убавината на планинскиот велосипедизам, со надеж дека тој ќе им прејде во навика и пасија, стои во соопштението.


Администратор
26/09/2021 12:41