Кинотекaта продолжува со „Филмска училница“ – проект за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта. Годинава иницира и нов проект за наставници и професори и ним ќе им биде наменета првата филмска училница. Проектот ќе почне на16 октомври и ќе трае десет недели.

Мотото на интерактивната филмска училница е „Гледај филмови, учи и создавај“. Ќе им овозможи на учесниците да се запознаат со националното аудиовизуелно културно наследство, со основите на филмскиот јазик и ќе имаат можност да креираат свои, авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Филмските училници ќе се одржуваат секоја сабота во просториите и киносалата на Кинотеката. Ќе има пет школски часа посветени на една тема и ќе се состојат од предавања, вежби и креативни работилници, гледање филмови и дискусии. Предавачи ќе бидат филмолози од Кинотеката и филмски професионалци.

Проектот е финансиран од Министерството за култура, а идеен творец е режисерката Марија Џиџева, која воедно ќе биде и координатор и модератор на предавањата.

– Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националаното аудиовизуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање нови аудиовизуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање лични аудиовизуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија, соопшти Кинотеката.


Администратор
26/09/2021 15:57