Министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, денеска го посетија гарнизонот Рашка и гарнизонот Нови Пазар, кои се дел од силите на српската војска, кои се во прв степен на борбена готовност, јави дописникот на МИА од Белград.

– Србите треба да бидат смирени, ние се обидуваме да најдеме решение и да дејствуваме воздржано, бидејќи разбираме дека една искра може да доведе до ескалација на конфликтот што никому не му е потребна, изјави Стефановиќ недалеку од административниот премин Јариње, соопштија од Министерството за одбрана.

Стефановиќ истакна дека Белград нема да дозволи погром против Србите, но и дека е подготвен во секој момент да разговара за деескалација на ситуацијата.

– Генералот Мојсиловиќ е во постојан контакт со командантот на КФОР. Се обидуваме да ги намалиме тензиите, но и да покажеме дека нема да молчиме на провокации. Очекувам реакција и од ЕУ и од КФОР, кој има мандат да ги штити животите на Србите, бидејќи тие се загрозени на Косово. Она што моментно се случува е целосно спротивно на Бриселскиот договор, кој очигледно за некои не важи. Осум години се обидувавме да го спроведеме Бриселскиот договор, кој беше потпишан и доброволно прифатен од властите во Приштина, а гарантиран од ЕУ. И по осум години, ние немаме примена, особено оние одредби што им гарантираат на Србите нормален и полесен живот, и на кои членките на ЕУ се обврзаа како гарант на договорот, потенцираше Стефановиќ.

На покана на Стефановиќ српските сили ги посетија и амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко и пратеникот за одбрана, генерал-мајор Александар Зинченко, со цел лично да се уверат во моменталната ситуација.

Харченко ја изрази поддршката на Русија за позицијата на Белград, која е насочена кон деескалација на ситуацијата во Косово.

– Во Москва оваа ситуација предизвикува голема загриженост, изјави рускиот амбасадор.

Боцан-Харченко додаде дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на состанокот на Советот за национална безбедност, го формулирал патот и чекорите што ќе ја решат ситуацијата и кои ќе развијат нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што Русија исто така го поддржува.

Рускиот амбасадор посочи дека одговорноста за ситуацијата е на Приштина и дека вооружените сили на премините претставуваат кршење и неисполнување на договорите кои беа потпишани претходно.

Тој додаде дека на дело се провокации и закани кон Србите кои живеат во Косово, што може да предизвика нови конфликти.

Амбасадорот посочи дека постои чуден, но штетен однос на западните партнери и САД кои ги затвораат очите пред настаната ситуација, а причината за тоа се старите двојни стандарди, а сега гледаме, како што наведе, повеќе стандарди, при што Приштина и Белград се повикуваат на воздржаност и деескалација.

– Истовремено, не се прави провокација од српска страна, а однесувањето на Белград е воздржано, истакна рускиот претставник.


Администратор
26/09/2021 16:02