Премиерот на Албанија, Еди Рама се очекува да допатува денеска во еднодневна посета на Косово, на покана на неговиот косовски колега, Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Рама доаѓа во Косово од САД, каде што учествуваше на 76-тото заседание на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации, а ќе биде придружуван од дел од неговиот владин кабинет.
По пречекот со државни почести, најавен за 8.50 утрово, Рама и министрите од неговата влада ќе имаат двоиполчасовна средба (од 9.10 до 11.40 часот) со Курти и членовите на неговиот кабинет.
Во продолжение, според агендата што синоќа ја објави ТВ Коха, албанскиот премиер ќе реализира получасовни средби со лидерите на трите најголеми опозициски партии на косовските Албанци, односно со оној на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, со претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику и со водачот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај.
Посетата на Рама следи по поканата што неодамна му ја упати Курти, кога му честиташе за неговиот трет избор за премиер на Албанија, а се реализира во време на криза во односите меѓу Косово и Србија, предизвикана по одлуката на Владата во Приштина да воведе реципроцитет со времени регистерски таблички за возилата при влез од едната во другата држава.