Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар неделава ќе пристигне во Брисел за да разговара со европските партнери за актуелната ситуација во северно Косово.
Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпаролoт на Стејт департментот за Радио Слободна Европа , додавајќи дека: „Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан“.
Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички.