Огромна е разликата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и затоа ќе победиме на локалните избори, истакна лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на вечерашниот митинг во Битола на коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на кој беа претставени кандидатите за градоначалници на претстојните Локални избори.
Почнувајќи ја кампањата и претставувајќи ги кандидатите за градоначалници, премиерот Заев истакна дека тоа е најдоброто за секоја општина.
– Четири години поставуваме стандарди на одговорно и отчетно управување со државата. Ја развиваме државата на меѓународен план, ги развиваме општините на домашен план. Го унапредуваме квалитетот на животот. Расте животниот стандард. Земјата заедно ја поставивме на вистинскиот пат, патот е прав. Конечно тргнавме напред, посочи Заев.
Тој уште еднаш ја потврди владината поддршка за локалната самоуправа која е континуирана.
– За предизвиците на централно ниво најдовме решение за клучните прашања, а тоа отвори простор многу пофокусирано да се посветиме на предизвиците на локално ниво. Од централниот буџет обезбедивме средства да ги раздолжиме општините. 50 милиони евра не за споменици, туку да ги направиме општините да бидат поефикасни. Како никогаш досега се инвестира во општините. Со СДСМ на локално ниво ќе продолжи развојот на општините, тие ќе продолжат да работат одговорно, отчетно и транспарентно во интерес на граѓаните, нагласи Заев.
На промотивниот настан во Битола Заев предочи на предноста што СДСМ ја има во однос на ВМРО ДПМНЕ.
– Ќе победиме затоа што сите знаат дека ВМРО ДПМНЕ, ваква нереформирана, прорежимска, на овие избори не е воопшто подобна. Христијан Мицкоски се одлучи и на некрофилски политики, иако со нив повредува и загрижува луѓе. Покажа незрелост со тоа што нема став по ниту едно државничко прашање и за се е против. Со ВМРО ДПМНЕ ќе има повторна кавга дома, кавга со соседите и повторно проблеми, ретроградни процеси и разочарувања. Тоа никому не треба и затоа огромна р разликата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. СДСМ ја донесе транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво, истакна Заев.
На централниот митинг во Битола Заев ги повика битолчани да гласаат за Христо Кондовски, кандидат за градоначалник во тој град.
– Вие мошне добро знаете кој е, што е и каков е Христо Кондовски. Кратко ќе кажам – успешен бизнисмен, претприемач, чесен граѓанин, човек со срце, душа и подадена рака на секој свој сограѓанин. Солидарен. Човек кој несебично го помогна опремувањето на неколку вакцинални пунктови меѓу кои и во Битола. Вљубеник во својот град и во спортот кој финансиски го помогна и ФК „Пелистер“. Непосреден, љубезен, отворен, одговорен, достапен, исполнителен, сериозен и исполнет со кристално јасна визија за прогрес на својата Битола. Продолжете со низа вредности и доблести што нашиот Христо ги поседува. Кога велиме најдоброто за мојата општина, најдоброто се проектите реализирани за да им служат на сите граѓани и на Битола и на другите општини. Потребен ни е континуитет на најдоброто, а за тој континуитет гарант се СДСМ, коалицијата, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски, советниците на победничката советничка листа на СДСМ и коалицијата, истакна Заев.
Потпретседателката на СДСМ, Соња Лукаревска претставувајќи ги кандидатите за градоначалници на претстојните Локални избори рече дека тоа се најдобрите кандидати, кои знаат како да ги развиваат општините и градот Скопје.
– Ние ја имаме најдобрата понуда, затоа што имаме јасен план и визија, за секое маало, за секое село, за секој град, за целата држава. Во првата изборна единица СДСМ и Коалицијата ја имаат најдобрата понуда за градоначалници на Град Скопје – Петре, на Центар – Горан, на Карпош – Душко, на Аеродром – Александар, на Кисела Вода – Филип, на Сопиште – Сашо, за Македонски Брод – Живко, ја имаме и најдобрата понуда на листи за советници во Сарај, Чаир и Студеничани, рече Лукаревска.
Таа порача дека за разлика од оваа коалиција од другата страна имаме неизвесност, уцени и закани.
– Тоа знаат да го препознаат граѓаните, знаат да ја направат таа разлика, затоа што сме фаворити во секој поглед, затоа што сме најдобри на сите анкети, затоа што на 17 октомври ќе бидеме победници. Ќе победиме во Битола и во целата држава, порача Лукаревска.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Попов порача дека во втората изборна единица оваа коалиција победуваме и во скопските општини.
– Во Бутел со Велимир, во Гази Баба со Борче, во Ѓорче Петров со Александар и во Шуто Оризари со Ферат. На овие избори фаворит и победник во целата држава ќе биде СДСМ и тоа го гледаме од сите анкети а и од атмосферата во сите општини, рече Попов.
Според него, победата на овие локални ќе биде потврда на сите политики на централно ниво, а граѓаните со гласот кој ќе го дадат за најдоброто за секоја општина ќе потврдат дека се за држава која што е просперитетна, модерна и европска држава.
– Граѓаните кои ќе дадат глас за нашите градоначалници и советници ќе потврдат дека сакаат да живеат во општини кои се модерни, просперитетни и кои нудат развој и иднина за граѓаните. Тоа го има СДСМ. Ние со нашиот пристап имаме принцип кој води напред, рече Попов.
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ во обраќањето на собирот нагласи дека во втората изборна единица СДСМ со својата понуда е фаворит и сигурен победник на овие локални избори.
– Во втората изборна единица одиме на победа во Куманово со Оливер, во Арачиново со Миликие, во Старо Нагоричане со Жаклина во Чучер Сандево со Сашко, а во општина Липково одиме со најдобра понуда на советнички листи. Огромен дел од општините во нашата земја во изминатите четири години беа во рацете на кадри од СДСМ. Се работеше вредно и напорно, во целосна координираност со централната власт, рече Маричиќ.
Тој порача дека оваа силна динамика мора да продолжи и ќе продолжи и по овие локални избори.
– Само со СДСМ е сигурен развојот на општините, само со СДСМ е сигурен напредокот на државата и дома и надвор. Понудата на СДСМ е понуда за стабилни општини и сигурна држава, додаде Маричиќ.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски порача дека кога власта вели дека се изградени 1.040 километри патишта, 60 градинки, 80 училишта, 56 полициски станици, над 50 здравствени објекти, кога зборува за вкупната реализација на проектите над 2000 проекти се реализирани токму во овие 4 години во овие 22 општини каде што граѓаните му ја дадоа довербата на СДСМ, каде заедно ќе продолжат да работиме чесно, одговорно, посветено и да бидат вистински сервис на граѓаните.
– Победата ќе дојде од Илинден со Александар, победата ќе дојде со Бети во Петровец, победата ќе дојде во Зелениково со Борче, победата ќе дојде во Ранковце со Даниел, победата ќе дојде во Кратово со Влатко, победата ќе дојде со Драган во Пробиштип, победата ќе дојде најголема исто така од Крива Паланка со Сашко, ќе дојде и со Горан од Делчево, со Соња од Македонска Каменица, со Славчо во Пехчево, со Ѕвонко во Берово, со еден од оние кој беа оценети како најдобри кандидати од граѓаните и најдобри градоначалници Николчо во Кочани, со победа одиме во Виница со Ивица, на победа одиме со Горан во Чешиново -Облешево, за прв пат ќе победиме и во Зрновци со Виктор, ќе победиме со Ненад во Велес, ќе победиме со Аце во Лозово, ќе победиме со Саше во Свети Николе, ќе победиме со Горан во Чашка, победата ќе дојде од Штип со д-р Сашко Николов, победата ќе дојде од сите овие 22 општини со Јордан од Карбинци и ќе ја заокружиме победата со Роберт во Градско, рече Николовски.
Тој порача дека СДСМ ќе продолжи да им служи на граѓаните, и ќе продолжиме по овој пат, „по патот на развој, напредок.
– Затоа на 17 октомври да излеземе да гласаме за Најдоброто и да гласаме за бројот 12 и на 17 октомври и на 31 октомври ќе ја заокружиме новата победа на Најдоборо, новата победа на СДСМ, истакна Николовски.
Потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека во четвртата изборна единица, СДСМ и коалицијата се силни, убедливи фаворити.
– За четвртата изборна единица ја имаме најдобрата кадровска понуда претставена преку следните кандидати: Коста за Струмица, Горан за Прилеп, Никола за Радовиш, Благојчо за Конче, Перо за Валандово, Сашко за Гевгелија, Анго за Дојран, Благојчо за Богданци, Тони за Неготино, Горан за Кавадарци, Лазар за Демир Капија, Јасмина за Могила, Љубе за Новаци, Стојан за Росоман, Зоран за Босилово, Марјан за Василево и Звонко за Ново Село. Ова е нашата понуда и тврдам дека е подобра од целата опозиција заедно. Овие луѓе се докажани професионални, секој во својата сфера на функционирање, рече Филипче.
Тој нагласи дека добар дел од овие кандидати се повторни кандидати и тоа е така поради тоа што граѓаните ја одобруваат нивната работа и ќе им дадат повторно поддршка.