Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, Иван Јорданов денеска заедно со кандидатот за советник од населбата Ново Село, Душко Иванов преку видео прес-конференција ги презентираа проектите за една од најстарите штипски населби. Најавија доуредување и реконструкција на улиците „Кежовица“ и „Никола Карев“.

-Најстарата и најопеана населба во Штип мора да ја позиционираме онаму, каде што одамна заслужува. Ново Село поседува непроценливо богатство, затоа ќе иницираме развој на туризмот и угостителството, вели Јорданов.

Најави и реконструкција на колекторот и мостот на реката Брегалница, но и продолжување на пешачката патека од Ново Село до Градските гробишта. Јорданов потенцираше дека неговото родно Ново Село заслужува иднина. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Штип, Јорданов најави дека кампањата и презентирањето на проектите за населбите низ Штип, ќе ги води на поинаков и како што вели покреативен начин, преку вакви видео прес-конференции.