Бугарија веќе почна со производство на електричен лесен товарен автомобил, што е составен во Русе, од делови и елементи што се целосно развиени во Бугарија и се дело на иста компанија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, електричниот товарен автомобил денеска е претставен на настан посветен на зелените технологии „Кон позелена иднина“, што се одржа во „Технолошкиот парк Софија“. На него присуствуваше бугарската министерка за економија, Даниела Везиева. Автомобилот е дело на компанијата на Росен Даскалов.

Бугарскиот лесен камион е дизајниран за употреба во градски услови и е со глобални иновации во однос на фотоволтаичните панели, кои се вградени во товарниот простор, така што во сончево време може да вратат до 20 отсто од капацитетот на батеријата во текот на денот. Меѓутоа, конечното склопување на автомобилот наскоро ќе биде преместено во Германија, бидејќи според Росен Даскалов, автомобилот произведен во Бугарија од компанија која не е позната на пазарот со ваков производ, многу потешко ќе влезе на овој пазар. Даскалов коментираше дека таква е автомобилската индустрија и дека неговата компанија се преселила во германската покраина Баварија, каде што има инженери и искусни луѓе кои ќе работат за нив, а веќе е формиран првиот тим, што веднаш ќе почне со работа.

Министерката Везиева за локалните медиуми, за време на презентацијата на можностите на Планот за обновата на зелените иницијативи и иновации, коментираше дека зелените инвестиции не се толку скапи. Според неа, иновацијата во однос на зелените технологии е иднината за сите земји.