Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид активно се вклучува во глобалната кампања по повод одбележувањето на Светскиот ден на срцето.

Во соработка со реномираната компанија „Крка“ Установата под кампањата „Користи го срцето да се поврзеш“ ќе организира повеќе активности во самата болница, но и поголема медиумска присутност.

– Нашата мисија да делуваме превентивно трае во текот на целата година, овој ден го користиме да се приклучиме на Светската федерација за срце во напорите борбата за подобро кардиоваскуларно здравје да станува се поуспешна, се наведува во соопштението од Јавната здравствена установа.

Годинава во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на срцето акцент е ставен врз огромните можности на дигиталните технологии во служба на подигање на свеста за важноста на превенцијата и константната поврзаност на кардиоваскуларните пациенти со своите доктори и здравствените работници преку тн. телемедицина, како и поврзаноста со семејството и пошироката заедница.

Инаку, годинешната кампања се заснова на три столба – еднаквост, превенција и заедницата. Еднаквоста подразбира користење на дигиталните можности да се овозможи достапност до здравствена грижа за тие на кои одењето во специјализирани кардиолошки установи им е оневозможено, превенцијата како грижа за здравјето преку здрава исхрана, повеќе движење и физичка активност и откажување од пушење. Што се однесува на заедницата, тука се препорачува интензивно користење на дигиталните мрежи за поврзување на пациентите со блиските, со други пациенти, со докторите и здравствените работници во услови на епидемија што доведе до пропуштени термини за редовни контроли, редуцирани контакти со семејството и блиските и намалена физичка активност.

Светскиот ден на срцето, 29 септември е востановен со цел да се информира популацијата во светски рамки за кардиоваскуларните болести и сите аспекти поврзани со можностите за нивна превенција и третман.