Околу 2.000 студенти се запишани во прва година за академската 2021-2022 година на еден од факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев"-Штип.

Проректорот за настава на УГД-Штип, Мишко Џидров за МИА вели дека бројката на запишани студенти е повисока од лани, а интересно е и тоа што имаат и 240 странски студенти, кои најпрвин ќе го изучуваат македонскиот јазик, а наредната година ќе се конкурираат на некој од факултетите.

– Имаме студенти од азиските и африкански земји, но карактеристично е што годинава повторно имаме голема бројка на студенти, кои ни доаѓаат од Турција, вели Џидров.

Забележа дека и годинава најголем интерес идните студенти покажале за упис на Факултетот за медицински науки, но какошто вели имаат и голема бројка на запишани студенти и на Факултетите за образовни науки и туризам и бизнис логистика.

– Константен е и бројот на студентите и на академиите, како и на Техничките факултети. Завршен е и третиот уписен рок се разгледуваат приговорите и како универзитет оваа година ќе имаме запишано околу 2.000 студенти, рече Џидров.

Посочи дека избрале хибриден модел на настава, односно студентите од поголемите факултет ќе ја следат онлајн, додека од помалите факултети со физичко присуство. Смета дека ова е и подготовка за универзитетот да се врати веќе и во нормала од вториот семестар. Првиот академски час е закажан за во понеделник, едни ќе присуствуваат онлајн, а некои од факултетите ќе ги искористат зелените површини пред факултетите, за да ја имаат и првата средба со бруцошите.