Во изминатите 10 месеци и по неколку месечна пауза, извршена е комплетна реконструкција на патот Кичево – Македонски Брод.

Реконструкцијата на патот е во должина од 24 километри, со финансиска подршка на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија. Со оваа реконструкција времето на патување помеѓу Кичево и Македонски Брод е скратено на само 20 минути.

Од Општина Македонски Брод информира дека при оваа реконструкција отстранет е горниот слој на оштетениот асфалт по целата ширина на патот и во должина од 24 километри поставен е нов слој на асфалт, нови банкини и еластични браници крај патот.

– Заврши комплетната реконструкција на патот Кичево – Македонски Брод, во должина од 24 километри. При оваа реконструкција отстранет е горниот слој на оштетениот асфалт по целата ширина на патот и во должина од 24 километри поставен е нов слој на асфалт, нови банкини и еластични браници крај патот. Во рамки на оваа реконструкција влегува и целосна обнова на трите моста на река Треска во должина од околу 60 метри. На овие мостови комплетно е сменета старата и дотраена и поставена нова арматура, како и нов слој на асфалт, рече градоналникот на Општина Македонски Брод, Живко Силјаноски и посочи дека градежните работи ги изведе компанијата Г.П.„Гранит" од Скопје со подизведувачот„ Прогрес" од Гостивар.

Силјаноски потенцира дека за комплетирање на реконструкцијата беше извршено и поставување на нова хоризонтална и вертикална сигнализација по целата должина на патот.

Тој истакна дека со комплетната реконструкција на овој патен правец, патувањето е многу поудобно и побезбедно,повеќе ги нема оштетените делови кои избегнувајќи ги возачите често доаѓаше и до сообраќајни незгоди.