Тетовската полиција со цел навреме да се превенираат незаконски постапки на поединци, а со оглед на официјалното отворање на ловната сезона упати апел до ловџиите.
Во петок 1 октомври официјално ќе биде отворена новата ловна сезона.
-Со цел навреме да се превенираат, односно пресретнат незаконските постапки на поединци, но и ловџиите поблиску да бидат информирани за последиците од таквите постапки, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира доследно да се почитува Законот за лов. Санкциите за непочитување на одредбите од Законот за лов се ригорозни и доследно и без исклучоци ќе се применуваат кон сите подеднакво, без разлика дали станува збор за ловџии-почетници или за искусни ловџии, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од таму ги потсетуваат ловџиите дека незаконскиот лов претставува кривично дело, за кое се предвидени парични и казни затвор од една до три, односно пет години, зависно од тоа кога, каде и каква дивеч е отстрелана според член 228 од Кривичниот законик.
На ловџиите им се укажува да бидат докрај внимателни при ракувањето со оружјето што го поседуваат и носат со себе на лов за да не ја доведат во опасност сопственaта и безбедноста на другите, но и да не го даваат оружјето на други лица, пред се на лица кои немаат дозвола за оружје и кои не се членови на ловечко друштво.
Со започнувањето на ловната сезона, Секторот за внатрешни работи Тетово во соработка со другите служби, значително ќе ги засили контролите низ ловиштата на подрачјето и ќе презема соодветни мерки и активности за спречување и санкционирање на незаконскиот лов.