Кандидатот за градоначалник на Општина Тетово од редовите на СДСМ Хамдија Елезовиќ на прес конференција посочи дека доколку ја добие функцијата ќе биде во постојана комуникација со народот со цел да се надминат нивните проблеми и реализираат иницијативи. Тој посочи дека тоа се надева да го постигне со надминување на сите можни бариери помеѓу функцијата градоначалник и граѓаните.
– Само директната, редовна и двострана комуникација може да создаде систем за брза реакција на проблемите во општината, за правилно долгорочно планирање и општина да се развива во правец кои вие граѓаните го избирате на овие избори. Ќе воведеме дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и постојана, брза, ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, соработка со НВО секторот и учество на нивен претставник како соработник на кабинетот на градоначалникот. Иницијативите од граѓаните ќе бидат прифатени и процесирани во јасен систем, при што општините ќе се обврзат да одговорат на граѓанските иницијативи во рок до 10 дена, рече Елезовиќ.
Кандидатот за градоначалник вели дека со поблиската комуникација, учеството на граѓаните во управувањето со општината нема да се сведе само на гласање еднаш на четири години.
– Преку комуникацијата со градоначалникот и пријава на иницијативи ќе се изгради вистински партнерски однос. Затоа давам збор дека сум и ќе бидам: човек од доверба, чесен, искрен, домаќин. Близок до секој од вас (постојано на терен, лесно достапен, приземјен, комуникативен, ќе слушам и ќе постапувам, ќе служам). Човек од акција, работлив, вреден. Подготвен, компетентен, запознаен со проблемите, со конкретен план со решенија. Еднакво близок со сите, нема делење на луѓето по ниту еден основ. Ве повикуваме да направите споредба и разлика, истакна на прес-конференцијата Хамдија Елезовиќ, кандидат за градоначалник на Тетово.