„Велес додека бев јас раководител на Центарот за развој на Вардарски – плански регион донесе многу проекти и во Велес и во другите општини кои се во состав на Вардарскиот – плански регион. Над 100 проекти додека бев раководител се реализирани, значи проектирањето на индустриската зона „Мамутчево“ е проект на Вардарски – плански регион. Резервоарот и цевководот се проекти од Вардарски – плански регион. Главниот пат кој ги поврзува левата и десната страна во индустриската зона „Караслари“ е проект на Вардарскиот – плански регион. Сериозни вложувања во делот на градинките е исто така проект на Вардарскиот – плански регион“, нагласи Марко Колев, кандидат за градоначалник на општина Велес во гостување во емисијата на МРТ.

Колев додаде дека за жал во изминативе години, пет години централна и четири години локална власт во Велес нема ниту една странска инвестиција.

„Последната која што е дојдена во Велес е фабриката „Маркард“, каде што вработува наши сограѓани се околу 500-600. Така да треба македонската, односно велешка јавност да знае дека господинот Коциќ имаше можност и како претседател на Совет, но сега и како пратеник да лобира странски и домашни инвестиции да доаѓаат во Велес“, заклучи Колев.

Колев посочи дека Велес никогаш не бил позагаден како сега, нема човек кој е задоволен од чистотата во градот, така да ветувањето за изградба на депонија која ја ветуваше СДСМ пред четири години се уште ја нема., а нема ниту претоварна станица.

„И во делот на за 24 часа одговор на граѓаните, реалноста во Велес е дека граѓаните одат од шалтер на шалтер собираат потписи и ги препраќаат од комуналното до Општина, и од Општина до комуналното, со што луѓето се шетаат низ градот. Тоа за жал е реалноста“, појасни Колев.

Колев рече дека во програмата се обврзува дека ќе се донесе ГУП на Велес кој е неопходен за градот. ГУП е потребен за развој на Велес.

„Одвоените финансиски средства по ставки на Буџетот на општина Велес за урбанизација е од година на година се помал и помал, и треба да им кажеме на граѓаните на општина Велес дека без урбанизација и без ГУП, и без ДУП нема развој на градот“, нагласи Колев.

Колев додаде дека сите општини кои овој процес го заокружиле имаат развој, а Велес тапка во место.