Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска оствари средби со амбасадорите на Кина и на Русија во Белград, Чен Бо и Боцан Харченко, кои ги изнесоа ставовите на своите држави за настанатите тензии меѓу Србија и Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението од прес-службата на српскиот претседател, кинеската амбасадорка Чен му пренесе на Вучиќ дека позицијата на Пекинг за Косово е конзистентна и јасна.

– Кинеската страна посветува посебно внимание на моменталната напната ситуација во северно Косово и смета дека едностраната акција не е во интерес на мирот и стабилноста во регионот. Меѓународната заедница треба рамноправно да се однесува кон сите страни, двојните стандарди не се во корист на решавање на проблемите. Кинеската страна го почитува територијалниот интегритет на Србија во врска со Косово и Метохија, ги разбира и ги поддржува легитимните барања на Србија, вклучително и оние во врска со заштитата на безбедноста и законските права на српскиот народ на Косово и Метохија, со надеж дека сите досега постигнати договори ќе бидат строго почитувани, изјави амбасадорката,Чен.

Во соопштението се наведува дека рускиот амбасадорот Харченко изјави дека Москва со голема загриженост ја следи ситуацијата на северот на Косово.

Тој, исто така, посочи дека одговорноста за кризата е на привремените институции во Приштина, кои ги кршат и не ги исполнуваат претходно потпишаните договори.

Харченко наведе и дека српската страна дејствува со најголема одговорност, додека Приштина не покажува ниту еден знак дека е за барање компромисно решение.