Првото издание на фестивалот Театарски европски алтернативи STURM UND DRANG заврши со претставување на 70 уметници од 11 држави. Театри, универзитети, студенти, професори, уметници од различни области беа дел од онлјан изданието на овој интренационален фестивал. Во рамките на фестивалот беа одржани бесплатни работилници за актери и режисери. Фестивалот доби поддршка од значајни и докажани имиња на театарската и уметничката сцена ширум Европа.

52 илјадна публика го посети фестивалот на социјални мрежи, интернет портали и фестивалските објави за сите настани. Оваа година докажавме дека можеме да направиме настан од широки светски размери со европски стандарди, и за време на пандемија да споиме на едно место бројни уметници.

Нашата публика со онлајн гласање во програмата НОВ БРАН, ја додели наградата за НАЈДОБАР НОВ БРАН АРТИСТ на Дарко Лешоски за песната "Марлон Брандо" посветено на Арбен Бајрактарај.

„Ова ми е прв пат да се пријавам на конкурс. Има три причини. Првата причина беше е тоа што е анонимен, сакав да е тој што ќе ме чита да е необременет од моето име и презиме. Втора причина е што беше наведен селекторот Никола Маџиров кој длабоко го почитувам. И трета причина, и можеби најсилна, сакам да бидам искрен, е името STURM UND DRANG. Мене многу ми значи. Многу ми значат овие два збора. Дури и да ми е единствена оваа награда, навистина ќе ми е најдрага.“ – изјави Дарко Лешоски

Емир Хаџихафизбегович ја додели наградата за НАЈДОБРА СТУДЕНСТКА ПРЕТСТАВА на Оддел за уметност - Универзитет во Краиов, Романија за претставата “ГАЛЕБ”. Победниците се јавија со видео порака укажувајќи на важноста на овој фестивал и постоењето на независната сцена. Емир Хаџихафизбегович во своето образложение и обраќање длабоко ја пофали целата иницијатива за фестивалот, а за победничката претстава изјави: „Неретко ми се случува да гледам многу лоши претстави кои се обидуваат класичното да го осовременат, но оваа претстава успешно ја извршува својата домашна задача во тој дел, особено во актерскиот дел кој за мене, како актер, е фокус на кој занатски се концентрирам.“

Жирито во состав Лилиа Абаџиева (режисер), Сашо Димоски (драматург и автор), Бењамин Барамович (актер) едногласно одлучија за наградите.

НАЈДОБАР АКТЕР

Пјер Муние за претставата ИСКРШЕНО НА ДЕЛОВИ на театарот Ла Бел Мениер од Франција. Пјер се јави со видео порака кажувајќи дека е пресреќен и дека му е многу жал што не е во Скопје заедно да наздравиме. И се надева дека во блиска иднина овој значаен фестивал ќе се случи во живо. Жирито за неговото актерско остварување нагласи: „Актерската игра на Пјер Муние презентирана во претставата „Искршено на парчиња“е испишана со филигранска прецизност што почива на органична и природна, ненасилена, спонтана актерска игра, на рафинман во презентацијата на актерските задачи и состојби на ликот, зачинета со неверојатна харизма што ја комплетира ограниченоста на актерската креација.“

За НАЈДОБАР РЕЖИСЕР наградата ја доби почитуваниот режисер Драган Живадинов за претставата ОДИЛО. ПОМРАЧУВАЊЕ. ОРАТОРИЈА во продукција на Словенечки Младински Театар и Кино Шишка. Драган Живадинов во телефонски разговор срдечно се заблагодари и изјави дека е пресреќен што токму кај нас неговата уметност е испочитувана на ваков начин. Жирито на фестивалот во своето образложение вели: „Режисерскиот ракопис на Живадиов, за чии одлики ова образложение е претесно, во оваа претстава резултира со расветлување на злото со цел негово поништување, предупредување за воскреснувачкото (според тоа – божествено) својство што го поседува; злото има своја теологија: има свои богови, има свои верници. Има претстави што се оружја против него. „Одило. Затемнување. Ораториум“ е една од нив.“

Наградата за НАЈДОБРА ПРЕТСТАВА на фестивалот беше за претставата ОДИЛО. ПОМРАЧУВАЊЕ. ОРАТОРИЈА во продукција на Словенечки Младински Театар и Кино Шишка, во режија на Драган Живадинов. Словенечкиот Младински Театар ја изрази својата благодарност кажувајќи дека се почестени што токму оваа претстава ја доби наградата и посакаа и идни соработки со овој фестивал. Жирито во своето образложение нагласи: „Компактноста на претставата, супериорно изразена во единството остварено меѓу режисерската постапка, драматургијата, актерската игра (со нагласок на хорските партитури во претставата) и аудиовизуелната семантика, е изградена во асоцијативен, длабоко промислен и хомоген сценски систем чија цел е одново да го издигне злото за повторно (и повторно и повторно!) да го поништи, да го оневозможи неговиот подем во нашето просторвреме, во нашиот облик. “

Теа Беговска, креаторот на фестивалот им се обрати на сите учесници изразувајќи благодарност и желба овој фестивал во иднина да биде важен, а не да биде голем.