Над 60 млади активисти ќе учествуваат на 19. Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“, што од денеска до 4 октомври се одржува во Крушево. Младите ќе дебатираат за европската иднина и трансформација на регионот водена од младите, како и за поголема интеграција и дигитална трансформација на општествата.

Конференцијата е во организација на Младинскиот сојуз, со поддршка на Германската амбасада во Скопје, а во соработка со Регионалниот совет за соработка, Гете-институтот, Националната агенција за европски програми и мобилност и Германската фондација „Фридрих Науман“.

Главната тема на годинашната конференција е „Регионална трансформација“, а има за цел да даде одговори на дел од најгорливите прашања за регионот со фокус на европската интеграција во време на брзи и непредвидливи промени.

Целта, како што соопшти организаторот, е да се мобилизираат младите лидери од Југоисточна Европа да внесат нов импулс во процесот на регионална соработка, а конференцијата е место каде се слуша гласот на младите.

Од конференцијата треба да произлезат препораки и предлози насочени кон конкретна акција за промоција на европските вредности кои ќе бидат имплементирани преку активностите на младите во регионот на ЈИЕ. Конференцијата ќе се одржува во хибриден формат, а покрај младите од земјава ќе учествуваат и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија и Турција, а ќе има и гости од партнерски младински организации од Германија, Франција и Полска во улога на ментори.

Меѓународната младинска конференција, која се одржува од 2003 година, е место на кое млади амбициозни луѓе од различни земји се собираат со цел да ги споделат своите идеи и вредности, и конкретни акции за имплементација на европските вредности во своите земји. Во изминатите 19 години на оваа конференција учествувале над 1 500 млади од 25 земји, а одлуките и активностите преземени во рамки на овие иницијативи се проценети дека досега извршиле директен и индиректен импакт врз повеќе од два милиони млади луѓе. Меѓу говорниците на конференцијата биле првиот македонски претседател Киро Глигоров, актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, поранешниот специјален претставник на ЕУ, Ерван Фуере…