Европската Комисија со силни критики за Владата на Јанез Јанша откако директорот на словенечката новинска агенција, СТА, поднесе оставка по понудениот владин договор, според кој се загрозува независноста на агенцијата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Словенечката новинска агенција СТА со месеци е мета на постојани критики, вербални напади и финансиска дестабилизација од страна на Владата на Јанез Јанша. Директорот на оваа агенција одлучи да се повлече, оценувајќи дека компромисот кој го нуди словенечката Влада ја става во опасност медиумската независност.
Европската Комисија денеска реагираше на оставката.
– Жалиме поради ова последно влошување на ситуацијата и итно ја повикуваме Владата да преземе одлучни мерки за да го преобрати овој тренд. Ова уште еднаш покажува дека е потребно ЕУ законодавство за да се заштити слободата на медиумите, изјави Кристијан Виганд, портпарол за правда во Европската Комисија.
Тој потсети дека Европската Комисија многупати и ја пренела својата загриженост на словенечката Влада за медиумите и за финансирањето на државната новинска агенција на Словенија.
Еврокомесарката за транспареност, Вера Јурова неодамна испрати писмо до властите, потсетувајќи ги дека состојбата бара итна реакција и почитување на обврските како што одлучи и словенечкиот врховен суд.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен се придружи кон овие критики, а неодамна изјави дека Словенија треба да ја почитува слободата на медиумите и да им обезбеди соодветно финансирање.