Од јануари 2008 до јуни 2021 година околу 202.000 албански државјани побарале азил во некоја од земјите на Европска Унија, што ги прави најбројни баратели на азил меѓу европските земји.
Европската агенција за статистика Евростат во својот извештај наведува дека Германија останува најпосакувана земја, додека затворањето на границите поради пандемијата довело до намалување на бројот на оние кои ја напуштаат Албанија.
– Најголем број барања за азил е забележан во 2015 година или 66.000 при што за околу 70 отсто дестинација била Германија. Следните две години бројките се преполовени, додека во 2018 година забележан е благ нагорен тренд. Во 2020 година, пандемијата привремено ги прекинала барањата за азил поради карантинот и ограничувања за патување, но не ги запрела целосно, се наведува во извештајот на Евростат.
Според Евростат, по олеснувањето на мерките има зголемување на барањата за азил, но од Албанија има околу 800 барања помалку споредено со првите шест месеци од минатата година, кога имало 2.800 барања главно во првиот квартл, пред појавата на пандемијата.
Евростат објави дека оваа година двете најпосакувани земји од албанските баратели на азил се Франција со 365 барања и Грција со 285. На третото место е Италија, потоа Германија.