Привремената бугарска влада ги бара сите можни решенија за поднесување на Планот за опоравување, рече претседателот на Бугарија Румен Радев, за време на неговата посета на Карџали.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев, има два предизвици со кои се соочува преодната влада – реформа на судскиот систем во Бугарија, како основно е отчетноста и одговорноста на генералниот обвинител, а второто е да се посочи датата за затворање на електраните на јаглен во земјата.
Бугарија е една од последните земји – членки на ЕУ која се уште не го доставила својот национален план до Европската комисија. Според планот за закрепнување, земјата може да смета на 12 милијарди лева (6 милијарди евра) од Брисел, од кои 13 отсто може да се добијат авансно.
Меѓутоа, како што потсетуваат локалните медиуми, Софија е должна да го достави својот план до Брисел, а потоа да го добие одобрението.
Според претседателот Румен Радев, енергијата на јаглен во моментов гарантира автономија, без оглед на цената. Според него, треба да има јасно решение и консензус, како и долгорочна визија во врска со т.н. зелен договор.
Радев смета дека треба да се продолжи рокот за затворање на електраните на јаглен.
– Претходното раководство на ГЕРБ поставија рок за затворање на овие постројки до 2036 година, додаде Радев.