[photo] Националната установа Музеј Куманово, денеска објави повик за учество на академските уметници од Куманово, за учество на традиционалната изложба „Кумановски Ликовни Уметници 2021“, која ќе се одржува и годинава во рамки на ноемвриските денови во градот.
Како што информира, Драгана Спасковска, виш кустос, станува збор за ликовна манифестација која се реализира во континуитет и единствена од таков вид во градот на која се презентираат кумановските академски ликовни уметници.
– И годинава очекуваме добар одзив кај уметниците од Куманово. Низ годините учествувале голем број уметници од различна генерација кои го дале својот придонес за развој на уметноста на ова тло, изјави Спасковска.
Уметниците треба да достават едно ликовно дело, по можност неизложувано, од најновата продукција, како и податоци за себе и наслов и димензии на делото.
Крајниот рок за пријавување за учество е 20 октомври. Изложбата ќе биде отворена на 10 ноември, а ќе биде испечатен и каталог. Во текот на месец декември делата ќе бидат вратени на авторите.
Изложбата „Кумановски ликовни уметници“, традиционално се реализира од 1956-тата година во чест на Денот на ослободувањето на градот.