Словенечкиот премиер Јанез Јанша денеска во Лондон се сретна со британскиот премиер Борис Џонсон, со кого разговараше за билатералните односи и голем број регионални и меѓународни теми.
Според Даунинг стрит, Џонсон и Јанша разговарале за билатералните односи меѓу двете земји во изминатите 30 години, вклучително и трговски прашања и работата на надворешно-политички прашања од заеднички интерес.
Меѓу другото, Џонсон и Јанша „се согласија дека треба да се охрабрат стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан“, се вели во соопштението на британската Влада.
Словенија моментално претседава со Советот на ЕУ, а еден од нејзините приоритети е побрзата европска интеграција на земјите од Западен Балкан, меѓу другото и од геополитички причини поради опасноста од зголеменото влијание на „третите“ актери во регионот. Следната недела, Словенија организира неформален самит ЕУ-Западен Балкан.
Јанша и Џонсон, исто така, разговараа за борбата против Ковид-19 и важноста од што е можно помасовно вакцинирање со цел да се отворат економиите, а се согласија и за важноста од борбата против дезинформациите што се појавуваат во кампањите за вакцинација.
Џонсон, исто така, ја изразил „длабоката загриженост“ на британската Влада за протоколот за Северна Ирска и „влијанието што го има врз луѓето и заедниците во Северна Ирска“.
Тој „ја нагласи потребата ЕУ да се вклучи во изнаоѓање одржливо решение“ за ова чувствително прашање меѓу Лондон и Брисел, велејќи дека таквото решение нема да го загрози Договорот од Велики петок, кој обезбеди мир во Северна Ирска по години на конфликт.
Јанша и Џонсон, исто така, разговараа и за голем број надворешно-политички прашања, вклучувајќи ја и „важноста на стабилноста во индо-пацифичкиот регион“.
Во Лондон, Јанша се состана и со новата британска министерка за надворешни работи Лиз Трус, со претставници на делегацијата на ЕУ во Велика Британија, и го посети Британскиот центар за борба против кибер-напади.