Верувам во Битола, во нејзината способност да се издигне повторно во урбан и динамичен град, изјави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата,Тони Коњановски.

На прес-конференција во Битола, Коњановски посочи дека стопанствениците можат и сакаат да инвестираат во градот за да отвораат нови работни места и затоа општинската администрација ќе биде брза и ефикасна со цел за да ги поддржи, ослободи од бирократијата која, како што рече, траеше четири години.

– За Битола треба да се работи, а не од неа да се заработи. Ветувам дека сериозно ќе се зафатиме со прашањето за здрава животна средина и еден од чекорите е да ја гасифицираме Битола. Да го искористиме РЕК Битола и да изградиме топлификација, да ја зачуваме животната средина и реално нешто да промениме кон подобро, промена која е од корист за сите. Наместо да зборуваме колку е нечист градот преку социјалните медиуми, да се зафатиме со решавање на отпадот по нашите улици, да ги подобриме и модернизираме комуналните услуги, истакна Коњановски.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски ги покани битолчани вечер да присуствуваат на митингот кој опозиционата партија ќе го одржи вечер на плоштадот „Магнолија“ во Битола.