Во Домот на култура во Крива Паланка утре започнува 13-тото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“. Фестивалот ќе биде отворен со доделување на наградата за особен придонес во театарот и културата на истакнатиот актер Ѓокица Лукаревски.
Во Домот на културата, утревечер ќе биде изведена првата фестивалска претстава „Ѕвездено циганско кабаре“ на театарот „Призор“ од Белград.
Програмата на фестивалот предвидува прикажување на претставите „Што ќе правиме сега“ на Југоарт продукција од Белград, „Првин ќе ме земеш после ќе ме е…“ со театарот „Провокација“ од Скопје и „Партија реми“ во продукцицја на Драмскиот театар од Скопје со Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ – Пановска, во режија на Виолета Џолева.
Меѓународниот театарски фестивал ќе трае до 8 октомври.
Фестивалот е од ревијален карактер, а се доделува единствена награда за придонес во театарот и културата што го носи името на сесловенкиот православен светец Свети Јоаким Осоговски, заштитникот на Крива Паланака. Досега ова признание го добиле Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Гоце Ристовски, Благој Чоревски, Коле Ангеловски и Гоце Тодоровски.