Заедно со мојот тим ја подготвивме најдобрата програма за нашиот град. Програма која гарантира развој, нови инвестиции, нови работни места како за младите, така и за невработените. Програма која гарантира нов импулс во развојот на нашиот Велес. Проекти од областа на комуналната сфера, инфраструктурата, патната мрежа, заштитата на животната средина, младите, спортот, културата, забавата, туризмот, странски инвестиции, рече вечерва на митингот во Велес кандидатот за градоначачалник на СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

-Пред 10 години застанав на браникот на градот да го спасиме заедно од еколошкото загадување. Денес ја барам од вас довербата да тргнеме со Велес кон посветла иднина како урбана и модерна општина. Имам чесни намери. Имам желба да направам подобар град за сите наши сограѓани. Ви подавам рака на сите, без разлика дали сте членови на партија или не, ајде да направиме Велес да биде подобро место за живеење. Ние сме сите сограѓани и треба да се поддржуваме, повика Коциќ.

Дел од проектите коишто се во рамките на програмата, посочи Коциќ, е Мој градоначалник – достапен, отворен, комуникативен, одговорен, редовно во контакт со граѓаните.

-Гарантирам одговорна и отчетна јавна администрација, одговор за граѓаните во рок од 24 часа – нема повеќе чекање на шалтери, нема чекање со месеци. Исто така, онлајн комуникација со градоначалникот и службите како Одделение за поддршка на бизнис секторот. Многу важно, борба против секаков вид на корупција. Борбата со корупција започнува на локално ниво. Гарантирам дека општина Велес ќе биде општина со нула корупција, вели Коциќ.

Тој вети поддршка на спортот и младите, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, на стадионот „Зоран Паунов“, изградба на затворен училишен базен, реконструкција на сите спортски игралишта во градот, потоа трим стаза, адреналински парк, лизгалиште, поддршка на сите групни и индивидуални спортови и поддршка на навивачката група „Гемиџии“ од Велес. И за првпат, додаде, балон игралиште за тенис во градот.

Велес, рече, ќе биде и град без отпад, комунална служба во сите делови на градот која ќе одговара за хигиената во секое катче на Велес. Поставување на нови подземни контејнери, обновување на веќе постоечките корпи за отпад со нови, поставување нови корпи, обезбедување канти за секое домаќинство, поставување контејнери за селектирање на отпадот. Велес ќе биде чист како што е убав.

-За мене е приоритет и развој на велешкото село. Ниту едно село не смее да биде запоставено. Колку селото се развива, толку повеќе луѓето ќе живеат, ќе остануваат во селата. Подобрување на патната инфраструктура, осветлување, отворање на детски катчиња, пристап до образовните институции, градинки, одржување на локални традиционални манифестации. Безбедни улици, обезбеден паркинг простор за најмалку едно возило за секое семејство. Нови сообраќајни решенија за пристап до црквите, обележување на пешачки премини на безбедни места, изградба на монтажна гаража и транспортен модел за брз и ефикасен сообраќај. Поддршка на таксистите со инсталирање на погони на плин и обезбедување на паркинг простор, вети Коциќ.

Во делот на туризмот тој вети меѓу другото и формирање на туристички комплекс на езеро Младост, уредување на кејот на реката Вардар, привлекување на домашни и странски инвеститори со цел, како што рече, на невработеноста на младите до нула проценти и на останатите невработени под 10 проценти. Меѓу неговите ветувања се и поддршка на ранливите групи, на социјалните случаи, обезбедување услови за квалитетно образование, почист воздух, почиста вода за пиење, обезбедување вода за високите делови од градот каде што се уште постои проблем со водоснабдувањето.

-Таргетирани се проблемите во сите велешки маала и населби врз основа на предлозите и сугестиите од вас, нашите сограѓани. За се има решение, но ќе работиме правично по приоритети. Не смее да има повеќе кал по улиците, вирови, непристапни патишта до домовите. Се што е напишано во програмата е добро испланирано, реално остварливо. Стоиме зад секој збор, стоиме зад секое дадено ветување. Ве повикувам на 17 октомври гордо да излезете на гласачките места и да го заокружите бројот 12, порача кандидатот за градоначланик на Велес од СДСМ и Колалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

На митингот говореше и носителот на листата на советници Марјанчо Николов, а ќе се обрати и лидерот на партијата и премиер Зоран Заев.