Вандалски чин на несовесни лица ја оштети урбаната опрема во Детската градинка ,,Бамби” во Македонска Каменица. Како што информираа од градинката оштетена е и новопоставената ограда, надворешната столарија како и фасадните делови на објектот.

–Она што се има случено во ЈОУДГ ,,Бамби” е за секаква осуда. Оштетена и откорната е оградата на дворното место, оштетено е детското игралиште, имаме оштетени врати и прозорци, надворешни ролетни, оштетен оџак за парно греење, нешто што навистина претставува недозволен чин, истакнаа од градинката.

Од детската градина упатија апел за воздржаност од ваквите дејства.

-Апелираме сторителите на ова гнасно дело во иднина, да се воздржуваат од вакви и слични моменти на изливање на својот гнев, врз јавни објекти. Во конкретниот случај да ја поштедат детската градинка од дејствија, од чија глетка се вознемируваат најповеќе дечињата кои својот мир и спокој го наоѓаат во ова катче, додека нивните родители се на работните места за да обезбедат егзистенција за своите семејства, додадоа вработените од каменичката градинка.

Сечиј имот дополнија дека треба да се чува како свој, особено објектите и други средства и инсталации на јавните и други установи, бидејќи се тие општо добро и им служат на граѓаните.