Попладнево ги посетивме нашите сограѓани од населбата Водно кај ул.„Питу Гули“, „Ганчо Хаџипанзов“, Капиштец….. И во оваа населба, како и во другите делови на нашата општина, иако е претежно составена од куќи, не е имуна на градежното дивеење…

Сѐ почесто никнуваат објекти кои по сите мерила се станбени згради, наместо индивидуални куќи како што е предвидено во плановите. Се зафаќаат цели дворови, се намалува зеленилото, а единственото игралиште за деца од помала возраст е пренаменето во паркинг. Општината не реагирала на пријавите за таквото градење. Општината до сега не го извела до крај ни проектираниот јавен простор, ниту велосипедските паркинзи, ни клупите покрај самопослугата…

Жители на населбата велат дека инвеститори не се откажуваат и од пробивањето на патот кон т.н. „Плацевите на Водно“ и подигнување на нови објекти во тоа подрачје иако тој ќе одземе делови од нивните дворови.

Општината и покрај ветувањата дека нема да дозволи такви градби не ги запира процесите. Да потсетиме, за случајот во моментот се одвива судење во кое се обвинети поранешни високи државни функционери и бизнисмени.

Водњанци велат дека зголемувањето на бројот на жители со новите повеќекатни објекти го зголеми и бројот на автомобили за кои пак во населбата нема решение. Улиците сѐ повеќе се затрупани од возила. Старите гаражи не се димензионирани за новите возила.

Последните години, улицата „Питу Гули“ се претвора во прометна сообраќајница преку која возачите се обидуваат да го избегнат метежот од строгиот центар на градот, креирајќи ново „тесно грло“ кое е небезбедно, загадувачко и бучно.

Шанса за Центар се залага сите улици кои спаѓаат во надлежност на Општина Центар треба да бидат ограничени со брзина од 20 и 30 км/ч и дека покрај училиштата, градинките и игралиштата мора да се постават инфраструктурни бариери како лежечки полицајци и сигнализација за ограничување на брзината на возењето.

Главни маки на жителите на Водно со кои разговаравме се бавните или никаквите реакции на општината на нивните барања за основните потреби како одржување на комуналната опрема или осветлувањето на улиците. Споделија и дека престанале да се обидуваат да ја контактираат поради бавната реакција.

Со Шанса за Центар граѓаните ќе имаат претставници во општината за да таа се реформира во сервис на граѓаните, постојано достапна и навремено посветена за да ги решава проблемите на граѓаните.

Советот на општината е вистинското место од каде треба да почне оваа промена.

Кандидатите на Шанса за Центар за Советот на Општина Центар го имаат знаењето и се мотивирани да се посветат на подобрување на квалитетот на живот во нашата општина.

Шанса за Центар