Ревитализација и оживување на Старата битолска чаршија со креативни и иновативни идеи, за да старите занаети ги отворат дуќаните, а со сериозна поддршка од Општината, како што е и во сите европски градови, најави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски.
За време на посетата во Старата битолска чаршија тој потврди дека секоја сабота пазари и разговара со битолчани.
– За жал, од разговорите со занаетчиите дознавам дека се повеќе занаетчии и трговци ги затвораат дуќаните, дека чаршијата е оставена на забот на времето без никаква поддршка за старите занаети, за бојаџиите, симитчиите, столарите, терзиите, ткаачиите, ќуркчиите, бочварите, јорганџиите, ковачите, кожарите, лебарите,чевларите, ѕвончарите... Никаква поддршка за зачувување на автентична Битола, на она што секаде во светот е главна туристичка атракција. За жал денеска видов спуштени кепенци, празни и напуштени дуќани, посочи Коњановски.
На средбата со битолските дуќанџии и занаетчии Коњановски најави дека негов проект е во Битола да се вреднува славното битолско минато.
-Од првиот ден ќе работиме за да заживее чаршијата со работилници, ќе има улични фестивали на храна, едукации на отворено за учениците. Ќе ги прашаме занаетчиите но и младите што им треба од општината, бидејќи општината е јавен сервис за сите, бидејќи за Битола треба да се работи, а не од неа да се заработи, нагласи кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Тони Коњановски.