На Китино кале во Кичево денеска годишен концерт одржа КУД „Бисер“, а гледачите имаа можност да ги погледнат настапите на играорците, инструменталистите и вокалните солисти. Концертот се одржа на новоизградениот амфитеатар и на сцената со ротирачка купола.
На отворањето на концертот се обрати претседателот на друштвото Младен Ванчоски, кој им се заблагодари на присутните што во толкав број дошле да го проследат нивниот концерт и истакна дека на КУД „Бисер“ му припадна честа да го има првиот настап на новоизградената сцена на калето.
-Денеска имавме чест први да настапиме во новоизградениот амфитеатар и на сцената со ротирачка купола на Китиното Кале. Прекрасното и сончево време и добрата посета на концертот, беа мотивирачки фактор нашите играорци да го покажат своето играчко умеење со изведбите на Лазаренки, Копачија, Посеље, Ѓурѓовден и Истерување на чумата. Кај нашите играорци ова беше нов момент во нивната работа, бидејќи имаа чест први да се претстават на новоизградената сцена, нагласи Ванчоски кој додаде дека покрај играорците со свој прилог овој коцерт го збогатиле и членовите на оркестарот на Бисер, како и вокалните солисти.
На коцертот се претставија и помладите категории на играорци на Бисер, со што беше потврдена и иднината на ова културно уметничко друштво. Ванчоски најави дека ова нема да биде единствениот настап на оваа сцена, туку за идното лето најави нови гостувања како на неговото друштво така и на други културно уметнички друштва кои ќе бидат нивни гости, додаде дека новата локација допрва треба да ја доживее својата вистинска афирмација.