Нашите кандидати за градоначалници и советници се понуда за модерните развојни текови, ние планираме капитални проекти за долгорочен развој, посочи денеска во Пехчево претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој присуствуваше на промоцијата на кандидатот за градоначалник на Пехчево, Славчо Пандурски и кандидатите за листата за советници.
-Нашите кандидати за градоначалници и советници се понуда за модерните развојни текови, нивната се излитени кадри кои биле дел од централната или локалната власт во времето на режимот на Груевски. Ние градиме темелно, тие со промашени проекти. Ние планираме капитални проекти за долгорочен развој, тие мачкаат очи со стиропорни фасади кои се распаѓаат, рече Заев.
Кандидатот за градоначалник Славчо Пандурски се обврза пред граѓаните дека ќе инсистира на враќање на младите во овој крај од Северна Македонија.
Со новите инфраструктурни проекти кои се планирани, рече Пандурски, Пехчево ќе биде многу поповрзано и урбанизирано и ќе биде вистинска општина на 21 век.
Тој напомена дека меѓу проектите кои се предвидени за Пехчево се и реконструкција на локалниот пат Робово – Умлена – Чифлик, регулација на дел од речното корито на Пехчевска река, реконструкција на патот Пехчево – Рaвнa река, уредување на просторот пред градскиот стадион и градските гробишта.