Света литургија во Охрид по повод 40 години од архиерејска служба на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Со света архиерејска литургија во Катедралната црква Света Софија во Охрид денеска беа одбележани 70 години од раѓањето и 40 години од назначувањето на владиката г.Тимотеј за митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски, како и Администратор Австралиско-сиднејски.
Во присуство на највисоките црковни достојници, јавни личности и бројни верници на свеченоста со одлука на Синодот на МПЦ-ОА на митрополитот Тимотеј за 40-годишната архиерејска служба во МПЦ и несебичниот влог во духовниот живот на Дебарско-кичевската епархија му беше врачено и највисокото црковно одличје „Орден на Свети Климент Охридски од прв ред".
Епископот Климент во словото по повод јубилејот на Митрополитот Тимотеј истакна дека не е можно во еден краток осврт да се опфатат повеќе аспекти на делувањето на една личност, особено на активен архиереј кој четири децении работи на нивата Христова.
-Делата на митрополитот Тимотеј се очевидни, јавни и секуму достапни за проверка, па нека бидат своевидни водилки што ќе доближуваат до неговиот лик. Тој е личност на црквата, сведок на божјата милост во историјата, искален духовен и црковен деец. Неговиот идентитет е црковен и извира од Христовото евенгелие. Тој е архиереј на црквата Христова, едуциран теолог, инспиративен беседник, посветен пастир…изграден авторитет што влева доверба без присила, рече меѓу другото тој.
Отец Климент уште посочи дека како долгогодишен портпарол на МПЦ, но и како ревносен учесник во сите процеси поврзани со активноста за прифаќање на нашата Црква во сеправославното семејство, митрополитот Тимотеј мудро ги брани нашите црковни интереси, истовремено чувајќи го достоинството на народот.
-Притоа кај него се препознава свесноста дека Црквата е поширока и подлабока од секој етницитет и таа е дом за сите повикани народи и во неа секој човек со добра волја е добредојден, истакна тој.
Владиката Тимотеј беше посочен како епископ кој мудро ги поставува и помага на духовните авторитети на манастирите, а истовремено подеднакво татковски се грижи за своето свештенство, ѓаконство кое во него препознава одговорен родител кому може да се обрати било кое време.
-Епископството е сложено послушание, тое е непрестајно пребивање во молитвата и внимателно будење на заспаната духовност кај луѓето, тоа е постојан труд и напор да се биде секогаш присатен и отворен за туѓата болка, страдање и сета комплексност на човековата природа. Како ретко кој, Митрополитот Тимотеј е даруван со особено чувство за битот на народната побожност, рече отец Климент.
Митрополитот Тимотеј во кусото обраќање пред присутните свештенослужители и верници изрази благодарност до Бога што имал можност да му служи, како и да послужи на Македонската Светиклиментова црква, благодарност до браќата архиереи што ја споделиле неговата радост.
Овие 40 години работев како знаев и умеев, да послужам и да направам тоа што годините и условите дозволуваа да се направи. Се надевам дека и во иднина колку Господ ми даде сили и можност, сега помалку физичка сила бидејќи староста си покажува своето, но, тука предност е искуството, белите коси даваат предност да се оди едноставно и полека, со поголема разборитост и тактичност до нови постигнувања, рече владиката Тимотеј