Кандидатите за членови во Советот на општината, раководството на општинската организација и активисти на СДСМ продолжуваат со средби со граѓани, презентирајќи ги „најдобрите проекти за општина Дебар".

-Наши тимови се постојано на терен меѓу граѓаните, како што и секогаш, како партија, сме блиску до граѓаните. Внимателно ги слушаме проблемите со кои се соочуваат, но ги запознаваме и со проектите кои ќе ги реализираме што се во нивен интерес. Освен во градот нашите тимови ги посетуваат граѓаните и во сите населени места, како што тоа беше денес во најголемото дебарско село Могорче, изјави за МИА, Азем Фејзоски претседател на ОО на СДСМ-Дебар.

Тимот во кој беше претседателката на организацијата на жени на СДСМ, Илинка Трајановска и кандидатката за советничка Сара Ајроска, со други сопартијци беа во една од најголемите градски населби „Венец два".

-Меѓу низата најдобри проекти за Дебар, а што секако е горлив проблем за дебрани е подобрувањето на водоснабдувањето на градот Дебар во летниот период, квалитетното водоснабдување во сите населени места, изградба на локални патишта и улици како во градот така и во руралните населени места. Секако ќе се залагаме за повеќе зелени површини во нашиот град, подигање на еко свеста кај населенито и поставување повеќе контејнери за селекција на отпад, рече Трајановска.

Младата Сара Ајроска, дипломиран социолог, најави субвенцонирање на дел од патните трошоци на студентите , изградба на отворени спортски игралишта за кошарка, тенис, фудбал, одбојка и ракомет.

-Посветеноста на нашата партија ќе продолжи и со поддршката за бизнис секторот за развој на малите и средни претпријатија и отворање нови работни места, со цел младите да останат тука во родното место. Ќе се грижиме секој граѓанин да добие навремени, квалитетни и евтини услуги. Граѓаните да ги добијат сите потребни услуги на едно место со отворање современи центри за услуги, рече Ајроска.

СДСМ во Дебар има само кандидатска листа за советници, во која се познати професионалци и интелектуалци. Носител на листата е Зеќир Демоски, професор.