Во Тафталиџе во Општина Карпош денеска беше отворена промотивна канцеларија на кандидатот за градоначалник на Карпош од СДСМ, Душко Весковски, каде беа поделени промотивни материјали, и се презентираа предвидените проекти во овој реон.

Весковски денеска за време на отворањето на канцеларијата најави зголемување на зелените паркови и површини.

-Во согласност со општата политика за зголемување на зелените површини и нивно редовно одржување, уште во првата година од мандатот ќе изработиме сеопфатна програма за хортикултурно уредување, реновирање на постојната и поставување нова урбана опрема и реновирање и изградба на детски

игралишта, во постојните парковите во овие две урбани заедници, рече Весковски.

Како што додаде, целта е да овозможат што почиста и поздрава околина за живот.

-Одлучни сме целосно да го искористиме овој потенцијал преку поставување и одржување на уште повисоки стандарди на хумано и планско урбано живеење, појасни кандидатот за градоначалник на Карпош.

Посочи оти неговата визија е во наредните четири години Карпош, а со тоа и Тафталиџе да се развие во општина со највисок степен на дигитализација на јавните услуги, со хумана и планска урбанизација што го штити јавниот интерес, ја почитува приватната сопственост и придонесува за економскиот развој, со највисок процент на зелени површини во градот и државата, со чисти улици по кои ќе се движат повеќе велосипеди, а помалку автомобили, со развиена социјална и културна инфраструктура.