„Човек – број“ е насловена изложбата со графички дела од кумановскиот ументик Стефан Анчевски, што денеска ќе биде отворена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Инспирација на уметникот за создавање на делата, според него, е секојдневното чекање на шалтерите со бројче за ред.

– Чекањето на шалтер со бројче во рака е најактуелната форма на нумерирање на луѓето во современиот начин на живеење. Принципот на „земи бројче“ можеби од една страна го олеснува воспоставувањето ред на чекање на шалтери на скоро веќе сите јавни администрации, банки, оператори…, но, од друга страна она „најстрашното“ чекање не е изоставено, посочува авторот.

Токму тоа, додава, е појдовната точка на овој ликовен проект, кој сосема случајно почна да се развива за да го анализира човекот како број, поточно да го претвора или само да констатира дека од човековиот идентитет (единствен матичен број), редниот број во училишниот дневник, бројот на индекс, па се до бројот на чевли, среќен број, број на години, број на шеќер во крвта……. човекот се одредува, т.е. дефинира по случајност на броеви.

Изработените графички решенија се со различни постапки и техники добиени по пат на случајност, без контрола врз една од најконтролираните ликовни техники – графиката.