Љубителите на ликовната уметност од синоќа во битолскиот Музеј може да ја погледнат изложбата „Боја родена од музиката“, сочувани дела од академскиот сликар Борислав Траиковски (1917-1996).

Културниот настан е во рамки на придружната програма на јубилејното издание „Интерфест“ и сведочи за богатиот ликовен опус на Траиковски.

– Повеќе од очигледно е дека секое ликовно дело кај Траиковски е создавано со целосно музичко присуство и тоа не само директно, туку и внатрешно, како своевидно ехо на постојаното траење на вечната слика и звук. Во контекст на вечната ревизија, Траиковски создаде своевиден универзум кој што секогаш ќе биде разгледуван од бројните ракурси на вистинското постоење, постоење со творештвото и создавањето како последниот израз на човечкото достоинство и вистина за сите и низ сите времиња, нагласи Владо Ѓорески, кустос по современа уметност, вработен во НУ Завод и Музеј-Битола.

На ликовната изложба „Боја родена од музиката“ може да се погледнат ликовни дела изработени во различни временски периоди, како што се „Музиканти“ од 1957 година, „Виолинист“ од 1964 година, „Музичар“ од 1982 година.