Велгошти и велгоштани се стожерот на ВМРО од каде што започнуваат сите големи победи, народ кој во своите срца има достоинство, посветеност и жртва.
Позитивната атмосфера и огромното расположение за промени кај жителите ја има насекаде, во секоја куќа, објави на својот фејсбук-профил кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
Пецаков на синоќешната средба со жителите на приградската населба Велгошти им вети неколку инфраструктурни проекти доколку победи на изборите. Најави изградба на дренажен канал за атмосферска вода покрај улица „Воденичарска", асфалтирање на патот кој води до црквата „Света Недела", изградба на атмосферска канализација и тротоар на главната улица „Илинденска", уредување на паркингот кај црквата „Свети Климент", изградба на мултифункционално спортско игралиште и на фитнес зона.
Пецаков имаше средба и со жителите на селото Куратица на кои им вети изградба на нов водовод, асфалтирање на патот до црквата „Света Богородица" и тампонирање на патот Куратица – Злести.