Недостигот на храна во природата и се поголемата нивна бројност, придонесоа дивите свињи во повеќе села во Кичевско да направат вистинска пустош во пченките и на дел од површините засадени со компир.
Земјоделците се крајно разочарани од оваа појавава, која им ја одзема можноста она што го засеале за сопствени потреби или за продажба, да не можат да го обезбедат од овие причини.
– Пченката што пролетва ја засеавме за прехрана на нашиот добиток, предвреме ја собраа дивите свињи и уште не созреана веќе ја уништија 50 проценти. И наместо есенва да ги добиеме планираните количества на пченка во зрно, приносите ќе бидат далеку помали, вели земјоделец од село Лисичани.
Иста или слична е состојбата и во останатите села во овој регион Дворци, Ижишта, Пласница, Светорача , Речани и др.
Толку се слободни дивите свињи што почнаа да влегуваат во засеаните ниви и во самите села.
– Порано дивата свиња беше плашливо животно и не помислуваше да се доближи до некоја селска населба. Но денес дефицитот на храна во природата ги присили да влегуваат и во самите села и да влезат во пченките што се во непосредна близина на селските куќи. Сме се обидувале на повеќе начини да ги одвикнеме од оваа агресија, но сите наши обиди не дадоа резултат, вели Тоде Николоски жител на село Светорача, на кого дивите свињи му ги уништиле пченките буквално во самиот двор.
Ловџиите имаат одговор зошто дивите свињи станаа толку бестрашни и не бираат начин да дојдат до храна.
– Бидејќи имавме екстремно топло лето што предизвика желадот да се исуши а тоа придонесе храната за дивите свињи драстично да се намали а познато е дека желадот е главната храна на дивите свињи. Ништо помал проблем не е енормната нивна бројност во природата, што придонесува и потребите на храна во целост да се зголемат и проблемот го решаваат со влегување во пченките и компирите кои селаните ги засеале за соптвени потреби, вели искусниот ловџија, Даме Петрески.