Денес се навршуваат 21 година од големите демонстрации во Белград на 5 октомври 2000 година, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ, но официјалното одбележување на годишнината не е најавено ниту од политичките партии кои учествуваа во организацијата на демонстрациите.

Демонстрациите во Белград избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите за претседател на СР Југославија. На изборите на 24 септември 2000 година, Милошевиќ загуби од кандидатот за ДОС и лидер на Демократската партија на Србија (ДСС) Воислав Коштуница.

На 5 октомври демонстрантите пристигнаа на платото пред тогашното Сојузно собрание, а денес Народно собрание, од цела Србија, во колони од автомобили, автобуси и камиони долги десетици километри, пробивајќи ги со булдожери полициските блокади.

Веќе претпладнето, полицијата употреби солзавец за да ги спречи демонстрантите да влезат во Собранието, но безуспешно. Зградата на собранието беше демолирана и запалена, како и зградата на РТС.

Полицијата наскоро престана да се спротивставува и им се придружи на граѓаните.

Вечерта на 5 октомври 2000 година, новиот претседател на СРЈ, Воислав Коштуница им се обрати на граѓаните од терасата на Собранието на град Белград, а следниот ден, на 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Во демонстрациите едно лице го загуби животот, а друго почина од срцев удар. 65 лица беа повредени.

Воислав Коштуница, кој беше избран за претседател на СРЈ како кандидат на ДОС, се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година испред зградата на српската влада.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затворот во Хаг, а неговата сопруга и поранешна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ почина на 14 април 2019 година во Русија и е погребана покрај нејзиниот сопруг во Пожаревац.

Тогашните учесници во владеењето на Слободан Милошевиќ денес повторно ги заземаат најважните позиции во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во тоа време беше министер за информации, тогашната вицепремиерка Маја Гојковиќ е доскорашен претседател на српскиот парламент и актулен министер за култура, додека портпаролот на СПС Ивица Дачиќ денес е претседател на срспкото собрание.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, вицепремиерката и член на Претседателството на Српската напредна партија (СНС) Зорана Михајловиќ изјави денес дека 5 октомври е еден од најважните датуми во поновата историја на Србија, кога граѓаните ја бранеа изборната волја и рекоа „не“ за политиката што ја водеше земјата во војни и доведе огромен број граѓани на работ на сиромаштијата.

Од друга страна, Движењето на социјалистите (ПС) денеска оцени дека 5 октомври 2000 година е „пораз на српската држава“ и ден кога со Србија „завладеа најлошите“

-Пучот од 5 октомври донесе ненароден и антисрпски режим, кој спроведе ограбување приватизации и истера илјадници работници на улица, се вели во соопштението на ПС, партија која е дел од владејачката коалиција во Србија и чиј лидер е министерот за внатрешни работи Александар Вулин.