Почнаа активностите за кадровско екипирање на новоформираното Доброволно противпожарно друштво во Кочани, што ќе дејствува како поддршка на професионалната Територијална противпожарна единица.
Објавен е јавниот повик за пријавување на заинтересираните полнолетни граѓани од општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци, по што ќе следи селекција и обука на одбраните волонтери. Приоритет во активностите на Друштвото ќе биде справувањето со шумските и другите пожари на отворен простор.
-Правните и други неопходни процедури за формирање на Доброволното противпожарно друштво во Кочани ги завршивме пред две недели, иако иницијативата за тоа беше од многу порано. До 20 октомври трае пријавувањето на кандидатите кои сакаат да членуваат, без разлика на пол, возраст или каква било друга припадност, по што ќе се направи избор и основна противпожарна и обука за прва помош. Обуките ќе бидат спроведени во соработка со пожарникари професионалци од ТППЕ- Кочани, како и од други соодветни институции, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
Освен за противпожарна заштита, Друштвото ќе спроведе обука на своите членови и за справување со секакви елементарни и природни непогоди, а ќе се вклучи и во еколошки проекти за обновување и зачувување на природата.
Командирот на професионалната ТППЕ – Кочани, Благој Паунов нагласи дека Доброволното противпожарно друштво ќе биде од голема помош, особено по искуствата од нивните колеги од словенечки Крањ и од Австрија, кои летово помагаа во гаснењето на пожарите во источниот регион.