Со средства обезбедени од ТАВ програмата, денеска започна реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево.

Најпрво ќе бидат отстранети бекатон плочките, а потоа и клупите и канделабрите, кои беа поставени со проектот од 2006 година, реализиран преку швајцарската Агенција за развој и соработка во износ од 125 000 франци.

-Како што беше најавено така и започна да се реализира проектот за реконструкција на градскиот плоштад во Кичево, со средства обезбедени преку ТАВ програмата во износ од 800 000 евра. Најпрво ќе бидат извадени бекатон плочките, потоа клупите и каделабрите, по што ќе се подготви подлогата за поставување на новите гранитни плочки со поголема димензија.Покрај партерното уредување со овој проект се планира и хортикултурно уредување на просторот, поставување на нова урбана опрема и ново осветление со пед светилки. Градежните работи како подизвечувач ги изведува локалната компанија Ас Сењак. Ако погодува временската состојба се планира целиот проект да заврши најдоцна до крајот на ноември, најави Емин Насуфи од Општина Кичево.

Тој појасни дека реконструкцијата на градскиот плоштад ќе придонесе Кичево да почне да наликува на современа урбана целина од сите аспекти. Потсети дека покрај градскиот плоштад со средства од ТАВ програмата во Кичево се реализира уште еден проект, а тоа е градската капела кај православните гробишта за што се наменети 395 000 евра.