На Европската унија и е потребна нова опција за Западен Балкан, а претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија е можност да се откажеме од фикцијата за проширување и да најдеме нови начини за приближување кон регионот, пишува швајцарскиот весник Ноје Цирихер Цајтунг (НЗЗ).

Весникот оценува дека „односите меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан станаа длабоко неискрени и дека главната вина за тоа лежи во Унијата, чии членки и Комисијата упорно држат празна реторика за ‘европската перспектива’ и ‘заеднички вредности’, иако на сите страни им е јасно веќе со години дека нема да има проширување на ЕУ на Балканот“.

„Европската унија може да биде фактор на моќ само ако има веродостојни стимулации и санкции, што може да влијае врз однесувањето на земјите партнери“, пишува весникот.

„Сепак, сите индикации покажуваат дека третиот самит ЕУ-Западен Балкан, организиран од Словенија како претседавач на ЕУ на 6 октомври, ќе биде во духот на ‘да продолжиме понатаму’“, пишува весникот, потсетувајќи дека ЕУ веќе најави инвестициски план од девет милијарди евра за зајакнување на економијата и транспортната инфраструктура на регионот, како и привлекување странски инвестиции.