Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје.
За жал во текот на денешниот ден, иако нашиот Синдикат доби уште пред повеќе дена уредно барање за средба од страна на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, ни беше забрането да одржиме средба во просториите на Синдикатот со кандидатката која изрази желба да се запознае со состојбите во пожарникарството, наведуваат во соопштение од Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија – НСПМ.
Посочуваат дека Синдикатот одржувал отворени врати за сите кои што побарале средба со цел запознавање со очајната состојба во која работат пожарникарите и создавање предлози за подобрување на состојбата. Од НСПМ напоменуваат дека тие средби кои биле со претставници од различни влади, водени од разни политички претставници кои се менуваа на позициите сите овие години биле остварувани со меѓусебно уважување и понекогаш вродуваа и со плод кој претставуваше бенефит за нашите колеги.
– Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје. Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин досега! Тие простории се само физички близу Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно неговите законски надлежности и целта на постоењето на еден синдикат. Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции, се вели во соопштението на Независен синдикат на пожарникарите на Македонија – НСПМ.
Претходно од Град Скопје реагираат на, како што наведоа, намерата одредени кандидати да ја „злоупотребуваат" противпожарната бригада за изборни цели.
Градските власти посочија дека на партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори.
-Просториите на ПП бригадата во Автокоманда се стратешки безбедносен објект за Градот Скопје и мора да биде функционален и во припремна состојба во секое време. Според тоа, тоа не е место за никакви партиски собири или состаноци со кандидати со некои пожарникари, соопштија од Градот.