Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Општина Дебрца Зоран Ногачески пред граѓаните на општината посочи дел од инфраструктурните проекти спроведени во неговиот мандат.
Според Ногачески, основна цел на изминатата локална власт бил подигањето на квалитетот на живеење, со инвестиции во безмалку сите села, од најмалите до најголемите, согласно принципот дека секој е поеднакво важен.
– Дел од планираните проекти не успеавме да ги реализираме. Од објективни причини, поради пренамена на многу средства поради ковид-кризата, но сепак, патот на развојот е трасиран и никој не може да го запре, вели Ногачески.
Тој посочи на дел од реализираните проекти во селата од Средна Дебрца, како изградбата на резервоар за водоснабдување во село Издеглавје, изградбата на доводен цевковод од резервоар до Слатински Чифлик и поврзување на домаќинствата на системот, тампонирање на полски пат од излез на село Издеглавје до Слатински Чифлик, тампонирање на улица во село Оздолени, уредување на спомен обележје и дел од центар село Оздолени, уредување на спомен обележје во село Слатино, санација на дел од училишна зграда село Слатино и отворање спомен соба за водник Игор Костески, туристички содржини на Слатинско Езеро, уредување со бекатон и асфалт на пристапен влез во црква „Св.Јован" во Слатино, асфалтирање улички во Слатино, потоа уредување на дворно место во црква „Св.Никола" во Сошани, на црквата „Св.Никола" во Издеглавје и санација на мост на патот до гробиштата во село Издеглавје и друго.
Ногачески преку својот фејсбук-профил посочува дека неговата изборна програма не е некаков кабинетски производ, туку автентичен израз на заедничките потреби на граѓаните на Дебрца.
Меѓу неговите адути за престојната предизборна трка Ногачески го нагласува податокот дека за време на неговото управување со Општината за резпрезентативни расходи тој како градоначалник потрошил нула денари.